Возиња преку ноќ стана светска сензација - од херој на СП до Спајдермен (ВИДЕО)
Возиња требаше да пристигне во Чиле до среда, но од Коло Коло соопштија дека неговото патување е одложено поради документацијата и очекуваат да им се приклучи денеска. Додека го чекаше патувањето, искусниот голман ја искористи огромната популарност стекната на Мундијалот за да се појави во промотивната кампања за новиот филм од циклусот „Спајдермен“. На својот Инстаграм профил, каде што денес го следат 29,6 милиони луѓе, ги повика навивачите да го погледнат филмот, а колку за споредба, пред Мундијалот имаше помалку од 50.000 следбеници.
Но, во меѓувреме, Коло Коло се соочува со уште еден проблем – какво име ќе стои на неговиот дрес. Според правилникот на Чилеанската национална асоцијација на професионален фудбал, играчите во домашното првенство мора да настапуваат со своето презиме, а не со прекар. Тоа значи дека Возиња, чие вистинско име е Жозимар Жозе Евора Дијаш, би можел да остане без прекарот по кој стана познат ширум светот. За самиот голман тоа би било голем удар, бидејќи „Возиња“ е негов препознатлив бренд, но и емотивна посвета на жената што го одгледала. На португалски јазик прекарот значи „баба“.
Поради тоа, Коло Коло побарал исклучок од Советот на претседатели на клубовите, кој треба да гласа за барањето. За да му биде дозволено да настапува како Возиња, потребна е едногласна поддршка од сите клубови. Дополнителен проблем претставува и изборот на бројот на дресот, бидејќи традиционалната „единица“ веќе му припаѓа на аргентинскиот голман Фернандо де Паул.
Возиња беше едно од најголемите откритија на Светското првенство, каде што ги предводеше Зеленортските Острови до историски настап. На отворањето ја сочува мрежата против подоцнежниот светски шампион Шпанија, а потоа во осминафиналето блесна и против Аргентина со серија спектакуларни интервенции, иако неговата селекција беше поразена со 2-3.