Манчини: Заминувањето беше грешка, ќе ги натерам навивачите да ми простат

Откако повторно беше именуван за селектор на италијанската репрезентација, Роберто Манчини призна дека напуштањето на клупата на „Аѕурите“ било огромна грешка и недоразбирање за кое длабоко жали.

Порача Манчини и дека ќе се обиде со добра игра да ги натера навивачите да му простат за заминувањето.

„Тоа е како да ја изгубите љубовта на вашиот живот. Ќе се потрудам тимот да игра толку добро што на крајот ќе ми простат“, изјави Манчини по повторното преземање на разнишаната репрезентација, која три последователни пати не успеа да се пласира на Светското првенство.

Манчини истакна и дека она што се случило пред три години, кога ја напушти клупата на Италија, било последица на недостиг од комуникација меѓу него и тогашниот претседател на Италијанската фудбалска федерација.

„Да седневме и разговаравме лице в лице, сè ќе завршеше сосема поинаку. Репрезентацијата е нешто исклучително важно, тоа е како да ја изгубите љубовта на вашиот живот. Тоа значи дека сте направиле грешки. Не е важно колку сте биле добри претходно, очигледно е дека некаде сте погрешиле. Жал ми е за сè што се случуваше во изминатите три години, но судбината и Малаго ми дадоа можност за нов почеток. Ќе дадам сè од себе за да ја вратам репрезентацијата таму каде што ѝ е местото“, рече Манчини.

Манчини е последниот селектор кој ѝ донесе трофеј на Италија од големо натпреварување, освојувајќи го Европското првенство во 2021 година.