Инфантино во проблем, можеби ќе оди на распит поради Трамп
Како што пренесува британски „Гардијан“, Раскин испратил официјално писмо до Инфантино со барање ФИФА да ја достави целата документација и комуникација поврзана со евентуални подароци, исплати или други привилегии што Трамп и неговите соработници ги добиле од светската фудбалска организација.
Побаран е и списокот на посетители на кулата „Трамп“ на Менхетен, каде што ФИФА минатата година ги отвори своите канцеларии.
Односите меѓу Инфантино и Трамп се најдоа под зголемено внимание во пресрет на Светското првенство. Токму за време на ждрепката за групите, Трамп ја доби новоформираната награда на ФИФА за мир.
Во писмото на Раскин се разгледува и одлуката на американското Министерство за правда да отфрли одредени обвиненија против лица опфатени со големата истрага за корупција во светскиот фудбал, во рамките на која уште во 2015 година беа процесуирани повеќе од 20 високи функционери на ФИФА и раководители на спортски маркетинг компании.
Посебно внимание е посветено и на политиката на ФИФА за продажба на билети за Светското првенство. Динамичкото формирање на цените предизвика голем број критики за време на турнирот, а неколку американски државни обвинители веќе водат истраги поради сомневања дека навивачите биле оштетени со високите цени и начинот на продажба на билетите.
„ФИФА ја сфати својата привилегирана позиција во администрацијата на Трамп како дозвола да ги измами потрошувачите, пред сè преку незаконско зголемување на цените и измамнички методи за продажба на билети за Светското првенство“, навел Раскин во писмото.
ФИФА има рок до 9 август да ја достави бараната документација, а Раскин најавил и можност Инфантино да биде повикан на сослушување пред Конгресот. Сепак, бидејќи демократите немаат мнозинство во Претставничкиот дом, вакво сослушување нема да може да се одржи без поддршка од републиканските конгресмени.