Скандал во Шпанија: Мадридски клуб поради ужасни услови остана без стадион!

Регионалната влада на Мадрид одлучи привремено да ја повлече концесијата за стадионот „Ваљекас“, кој е во сопственост на Рајо Ваљекано и да започне итна реконструкција на објектот, a тоа претставува проблем за шпанскиот клуб.

Информацијата за медиумите ја потврди министерот за кулутар и спорт на зедницата во Мадрид.

„Клубот во овој момент не е способен да биде носител на јавната концесија. Она што се случи е неприфатливо“, изјави Маријано де Пако Серано, министер за култура и спорт на Заедницата на Мадрид.

Одлуката следува по техничката ревизија која откри сериозни проблеми со состојбата на стадионот, недостиг на безбедносна документација, проблеми со електричните и противпожарните системи, па дури и користење на трпезариите како простории за складирање отпад.

„Спроведовме ревизија на стадионот и резултатите се многу загрижувачки кога станува збор за неговото одржување. Како што сите знаеме, тоа беше директна обврска на клубот. Забележани се и бројни проблеми поврзани со почитувањето на прописите и потребните дозволи, поради што заедницата на Мадрид одлучи привремено да ја суспендира концесијата за да може да ја спроведе неопходната реконструкција“, додаде Де Пако.

Мадридските власти посочија дека со ваквата состојба била доведена во прашање и безбедноста на навивачите. Градежните работи ќе започнат веднаш, а проценките се дека ќе траат меѓу два и шест месеци.

Во тој период Рајо Ваљекано ќе мора да најде алтернативен стадион на кој ќе ги игра домашните натпревари во Ла Лига.