Чупиќ: Нашата цел е двојна круна во Македонија и добар настап во ЛШ

Ракометарите на македонскиот шампион Вардар денеска ги почнаа подготовките за новата сезона, а тренерот Иван Чупиќ ги кажа своите очекувања.

Чупиќ посочи дека главна цел ќе биде освојување на двојната круна во Македонија, но и добар настап во Лигата на шампиони (ЛШ).

„Нашите цели се освојување на двојната круна во Македонија. Од денеска почнува маратонот, очекуваме да биде потешко од минатата сезона. Исто така, наша цел во Лигата на шампиони е да ја поминеме групната фаза и да се пласираме во следната рунда, противниците се силни, но сакаме да си поставиме високи цели. Тоа е нешто за што нашите навивачи доаѓаат во сала и имаме силна енергија.

Имаме нови ракометари, кои треба да се прилагодат на нашата лига, но и на Лигата на шампиони. Мислам дека оваа сезона можеме да постигнеме добри резултати, но мора да одиме чекор по чекор.

Вардар има 20 играчи и тоа е сосема доволно за тоа што нè очекува следната сезона, составот е избран од мене, спортскиот директор и претседателот. Имаме амбициозни ракометари кои сакаат да играат за Вардар и да станат врвни играчи“, кажа Чупиќ.

Тренерот на вардарци смета дека и останатите екипи во македонскиот шампионат имале добри засилувања, а со тоа и шанси да се радуваат на крајот на сезоната.

„Сите во македонската лига се засилуваат, тоа е нормално. Пелистер, Охрид, Алкалоид сите имаат подобри тимови, сметам дека сите имаат по 25 отсто шанси да ја освојат титулата и ние така ќе се однесуваме“, вели тренерот на Вардар.