Данев и Закариќ се погрижија за победнички старт на Вардар (ФОТО)

Актуелниот шампион на Македонија, Вардар со победа ја почна одбраната на титулата во домашното првенство, а во исто време ја крена атмосферата пред реваншот против Рига во второто квалификациско коло од Конференциската лига.

„Црвено-црните“ на домашен терен ја победија Брегалница со 2-0 во меч во кој тренерот Фабијани одлучи да почне со драстично изменет тим во однос на претходниот натпревар. Шанса добија неколку млади фудбалери кои максимално ја искористија, а Вардар заслужено ги освои бодовите.

Херои на шампионот беа Данев и Закариќ кои не само што ги постигнаа головите, туку и беа главни протагонисти во играта на својот тим. Данев погоди во 27. минута, Закариќ ја затресе противничката мрежа неколку минути подоцна, но тој гол беше поништен поради игра со рака.

На вториот и последен гол на овој натпревар се чекаше до 81. минута кога Закариќ ја затресе противничката мрежа.

И во второто коло Вардар ќе игра на домашен терен и тоа дерби против Шкендија, додека Брегалница пред своите навивачи против Арсими ќе ја брка првата победа.