Стартува Првата лига: Помалку клубови, повеќе дербија и - поголема неизвесност!

Со денешниот натпревар меѓу Тиквеш и Арсими (17 часот) официјално започнува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), која носи промени во системот на натпреварување и ветува многу пожестока битка и за титулата и за опстанокот.

Елитното друштво од сезонава ќе брои 10 екипи, две помалку од претходно, што значи дека секој клуб ќе одигра по четири натпревари против секој ривал. Новиот формат ќе донесе повеќе директни пресметки меѓу конкурентите, а секој освоен или загубен бод ќе има уште поголема тежина. Минатогодишниот шампионат покажа колку е изедначена лигата. Разликите меѓу екипите во средината на табелата беа минимални, а патниците во Европа и клубовите што се бореа за опстанок беа познати дури во последните кола. Со новиот систем, серија од неколку победи или порази може целосно да ја промени ситуацијата на табелата.

Шампионската титула ќе ја брани Вардар, кој минатата сезона ја освои својата 12. круна во независна Македонија, прва по шест години. „Црвено-црните“ повторно важат за еден од главните фаворити, но сериозни амбиции имаат и Шкендија, Струга, Силекс, но и сите останати прволигаши. И оваа сезона останува на сила правилото според кое секој тим мора да започне натпревар со најмалку еден млад фудбалер во стартниот состав.

На крајот од шампионатот, директно ќе испаднат последнопласираните две екипи, додека осмопласираниот тим ќе игра бараж за опстанок против третопласираниот второлигаш.

ДВОЈКИ - ПРВО КОЛО

ПЕТОК

Тиквеш – Арсими (17 часот)

САБОТА

Струга – Шкендија Арачиново (17 часот)

Вардар – Брегалница (17 часот)

НЕДЕЛА

Силекс – Башкими (17 часот)

Шкендија – Скопје (19 часот)