Скандал на повидок: ФИФА отвори истрага за можно местење натпревари на Светското првенство

Светската фудбалска федерација (ФИФА) покрена истрага поради сомнежи за можно местење натпревари и нерегуларности во обложувањето за време на неодамна завршеното Светско првенство. Истрагата е отворена по извештаи за сомнителни обложувачки активности поврзани со неколку натпревари од турнирот.

Во фокусот на истрагата е црвениот картон што јужноафриканскиот репрезентативец Темба Зване го доби на натпреварот против Мексико. Според информациите на францускиот РМЦ Спорт, забележан е невообичаено голем број уплати токму на опцијата Зване да биде исклучен, при што за тоа типување биле исплатени околу 4,5 милиони евра.

Советот на Европа во својот извештај издвоил неколку сомнителни случаи кои ќе бидат предмет на детална анализа, а покрај исклучувањето на Зване, под лупа се нашле и други необични обложувачки модели регистрирани за време на Мундијалот.

Засега нема официјални обвиненија против играчи, судии или репрезентации, а истрагата е во почетна фаза. ФИФА треба да утврди дали станува збор за координирани обиди за манипулација со натпревари или за невообичаени, но легални обложувачки активности.