Сејдини пуштен да се брани од слобода - дал гаранција од 1,15 милиони евра!

Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, е пуштен да се брани од слобода, откако Основниот кривичен суд Скопје ја прифатил гаранцијата понудена од неговата одбрана во вредност од повеќе од 1,15 милиони евра.

Според информациите од Судот, гаранцијата е обезбедена со засновање хипотека врз недвижен имот. Истовремено, како мерка на претпазливост му е одземена патната исправа, со цел да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на кривичната постапка.

Сејдини беше уапсен по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, а на 24 април му беше определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци. Подоцна, Кривичниот совет донесе одлука притворот да му биде продолжен. Поранешниот прв човек на ФФМ е осомничен за кривичното дело „Проневера во службата“ од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Поточно, тој се сомничи за проневера на околу 700.000 евра, средства доделени од УЕФА на македонската Куќа на фудбалот за изградба на трибина во Охрид

По стапувањето во сила на решението, Сејдини е ослободен од притвор и во натамошната постапка ќе се брани од слобода. Тој пред извесно време доби и втора кривична пријава за проневера на дополнителни милион евра и тоа во случајот кога беше приведен неговиот претходник во ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.