Ѓоревски: Време е да го вратиме европскиот сјај во „Јане Сандански“!
Во разговор за клупскиот сајт, извршниот директор Филип Ѓоревски истакнува дека играњето во Европа било една од неговите главни цели уште од доаѓањето во МЗТ, нагласувајќи дека клубот конечно создал услови повторно да ги одмерува силите со еминентни европски ривали.
„Играњето во Европа ми беше желба уште од првиот ден кога дојдов во клубот. Летово конечно се поклопија сите услови за да го реализираме тој план и решивме да го прошириме нашиот видик со настап во ФИБА Еврокупот. МЗТ Скопје, како најтрофеен и најдоминантен македонски кошаркарски клуб во последните две децении, има обврска да ја претставува Македонија и на европската сцена“, вели Ѓоревски.
Тој потенцира дека домашните трофеи и понатаму остануваат апсолутен приоритет, но дека клубот сака повторно да ја разбуди европската атмосфера во „Јане Сандански“.
„Освојувањето на домашните трофеи секогаш ќе биде наш примарен приоритет, но истовремено сакаме повторно да ја вратиме атмосферата која некогаш владееше во „Јане Сандански“, кога во Аеродром гостуваа европски клубови како Реал Мадрид, Улм, Порто или Бенфика. Верувам дека ова ќе биде дополнителен мотив за нашите навивачи, симпатизери, но и за сите љубители на кошарката да дојдат во салата и да ни помогнат да оствариме што подобар резултат.“
Паралелно со европските подготовки, интензивно се работи и на комплетирање на ростерот за новата сезона. Според Ѓоревски, идејата е да се создаде тим кој ќе има вистински баланс меѓу искуството и младоста, со внимателно избрани странски засилувања.
„Работиме напорно за да формираме квалитетен состав во кој ќе има вистински баланс помеѓу искуството и младоста, дополнет со квалитетни и перспективни странски кошаркари кои ќе се вклопат во нашата визија. Продолжувањето на соработката со Дамјан и Војдан Стојановски ни значи многу, не само поради нивниот квалитет на теренот, туку и поради нивното лидерство и човечки вредности. Во исто време ги вративме репрезентативците Лука Стојановски и Никола Василевски, кои носат дополнителна енергија и потенцијал, а договорени сме уште неколкумина кои наскоро ќе ги официјализираме.“
Ѓоревски потенцира дека во селекцијата нема импровизации и дека секој потег е внимателно испланиран.
„Секој ангажман е темелно анализиран. Нашата цел не е само да собереме квалитетни индивидуалци, туку да создадеме тим кој ќе функционира како хомогена целина, во кој секој ќе ја знае својата улога. Истото важи и за странските кошаркари, бидејќи сакаме да избегнеме некои грешки што сме ги правеле во минатото.“
Целото интервју можете да го прочитате на следниот ЛИНК.