МЗТ европската сезона ја отвора во Солун, првиот меч во Аеродром е на 14 октомври!
Европската авантура за аеродромци ќе започне на 7 октомври со гостување кај грчки Ираклис во Солун, додека првиот домашен натпревар е закажан за 14 октомври, кога во Скопје ќе гостува естонски Тарту. Во моментов, ова се трите сигурни учесници во групата Е, додека останатите три места ќе бидат пополнети по завршувањето на квалификациите за Лигата на шампионите, во кои настапуваат Варшава, АЕК Ларнака и Вурцбург. Доколку не успеат да обезбедат место во елитното натпреварување, тие ќе се приклучат во ФИБА Европа купот.
Поради тоа, засега е познат распоредот само за четири натпревари на македонскиот првак. По дуелите со Ираклис и Тарту во октомври, МЗТ повторно ќе го пречека Ираклис на 11 ноември, а една недела подоцна ќе гостува кај Тарту во Естонија. Групната фаза од ФИБА Европа купот ќе трае до 23 декември. МЗТ Скопје ќе ја заврши со домашен натпревар, а против кого ќе се дознае по комплетирањето на квалификациите за Лигата на шампионите.