Васоски: Во Европа скапо се плаќаат грешките!

Силекс е првиот македонски прволигаш кој ги заврши настапите на европска сцена за оваа сезона откако денеска беше елиминиран од Динамо Минск во првото квалификациско коло за Конференциската лига.

Кратовци имаа предност од првиот меч против Динамо Минск на гостински терен, но вечерва во Скопје не успеаја да ја сочуваат. Загубија на пенали, а тренерот Александар Васоски ги посочи причините за поразот и елиминацијата.

„Натпреварот беше исцрпувачки, влеговме некако со страв во првите 20 минути, несвесно се повлековме иако беше кажано да пробаме да нападнеме од прва минута да пробаме да не го браниме резултатот толку рано. Откако примивме гол се разбудивме, почнавме да играме, немавме можеби многу стопроцентни шанси, меѓутоа Велиновски ја имаше можноста на натпреварот кога излезе сам пред гол. Знаете, во Европа скапо се плаќаат грешките и неискористените шанси. За жал, испаднавме на пенали, но немам што да им кажам на момците, не им замерувам ништо, играа 120 исцрпувачки минути, имавме свои моменти, меѓутоа фудбалот е таков за жал и мора да се помириме со конечниот исход“, рече тренерот на Силекс.