Американците продолжуваат да ни ги „крадат“ талентите - и Петков се сели во НЦАА (ФОТО)

Егзодусот на најалентираните македонски кошаркари во американската НЦАА лига никако да престане, откако денеска е официјализиран трансферот на репрезентативниот плејмејкер Марин Петков во Охајо Универзитетот.

Тој е третиот сениорски репрезентативец на Македонија кој летово се реши да ја продолжи кариерата во САД, по Теодор Симиќ и Андреј Митревски, каде што ќе биде дел од се поголемата македонска колонија. Петков изминативе три години ги мина во таборот на МЗТ Скопје, со кој имаше валиден договор и за следната сезона, па останува да се види како ќе се реши оваа негова преселба.

Големите пари кои веќе неколку години се дел од НЦАА лигата пред т.н. „НИЛ договори“ за плаќање за имиџ правата на кошаркарите веќе се голем проблем не само за Македонија туку и за европската кошарка во целост. Причина за тоа е што ова натпреварување не е под капата на ФИБА и за настап таму не е потребен сертификат како за било кое друго светско првенство, што универзитетите го користат за „крадење“ на најголемите светски таленти.

Поради ова, дури и една Барселона и Реал Мадрид се заканија со затворање на младинските школи, бидејќи повеќе не сакаат да вложуваат пари во таленти кога тие без проблем потоа се селат во НЦАА без да се исплати било каква отштета. Тоа, секако, важи и за играчите кои од Македонија се селат во оваа, се уште на хартија, аматерска лига.