Зеленортските Острови се чудо – единствени играа со двата финалисти и не изгубија во 90 минути

Дебитантскиот настап на светските првенства на репрезентацијата на Зеленортските Острови дополнително добива на значење откако се познати двата финалисти.

За титулата ќе се борат Шпанија и Аргентина, две селекции против кои Зеленортските Острови играа на овој Мундијал. Заедничко е тоа што африканската репрезентација не загуби од ниедна од нив по 90 минути игра, но со едната играше во групната фаза, а со другата во 1/16-финалето.

Мечот со Шпанија, во првото коло од шампионатот заврши без голови и уште тогаш фудбалерите на Зеленортските Острови беа означени како херои на Мундијалот. Потоа успеаја да се пласираат во нокаут фазата и таму прв противник им беше Аргентина. По 90 минути, резултатот беше 1-1, а актуелниот светски шампион славеше на продолженија со 3-2.

Со Аргентина и Шпанија на овој Мундијал играше и Австрија, но ги загуби двата меча, во групата со јужноамериканците беше поразена со 0-2, а во 1/16-финалето од „фуријата“ со 0-3.