Тимовски трагичар, Силекс го заврши настапот во европските купови

Иако имаше предност од 1-0 од првиот натпревар во Минск, освојувачот на Купот на Македонија, Силекс не успеа да обезбеди пласман во второто квалификависко коло од Конференциската лига.

Вечерва, во комплексот на ФФМ, кратовци беа елиминирани од Динамо Минск на пенали со 5-6 откако по 120 минути игра резултатот беше идентичен како на првиот меч, 1-0 за белорускиот тим. За разлика од тој натпревар, сега Силекс беше во подредена улога во текот на целиот меч.

Динамо мошне рано дојде до водство, а со тоа и до конечниот резултат по 120 минити. Во 16. минута Малашевич го совлада Џеков, па до крајот на мечот, македонскиот претставник не успеа да го израмни резултатот и со тоа да ја прекине агонијата. Двете екипи немаа многу изгледни шанси за гол, па се пристапи кон изведување пенали.

Во пенал-серијата имаше само едно промашување од 12 шута, трагичар за Силекс беше Ангелче Тимовски кој влезе во судиското продолжение од второто полувреме, но ја погоди пречката во шестата серија. Калинин потоа беше прецизен и го однесе Динамо Минск на мегдан со азербејџанскиот Нефчи.