Војдан: Одиме чекор по чекор, во кошарката нема лесни противници!

Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски е задоволен од ждрепката за вториот круг на претквалификации за ЕП 2029, но повикува на максимален фокус.

Македонија денеска ги дозна противниците за втората фаза од квалификациите за ЕП 2029, ќе играме против Австрија и Кипар, а првиот од групата ќе продолжи во главните квалификации.

Војдан Стојановски смета дека имаме добра група, но не смееме да потценме никој.

„Би рекол дека, пред сè, најважно е да бидеме сите здрави, а уште поважно е да бидеме комплетни. Селекторот да ги има на располагање сите играчи, бидејќи има неколку кошаркари кои не беа дел од овој прв претквалификациски циклус, во кој остваривме максимален резултат. Факт е дека имаме нешто полесни противници во втората рунда, но тоа е само на хартија. Во кошарката одамна нема лесни натпревари и фаворити однапред. Пред нас се нови четири средби, а ние мора да одиме чекор по чекор. За разлика од овој циклус, во августовскиот ќе имаме помалку денови за подготовки. Но, доколку сме сите на број и го достигнеме вистинското ниво, верувам дека ќе имаме уште поголеми шанси да ја оствариме главната цел – пласман во квалификациите за следното Европско првенство“, изјави капитенот на Македонија.