Сенегал на Светското првенство бил со доктор - гинеколог!
Претседателот на Фудбалската федерација на Сенегал, Абулаје Фал, на прес-конференција имаше остри критики за функционирањето на репрезентацијата за време на Мундијалот.
Најголемо внимание привлече изјавата дека докторот немал соодветни квалификации за работа со врвни спортисти.
„Главниот доктор немаше академски квалификации за да се грижи за нашите врвни фудбалери. Тоа го дознав предоцна. Докторот Федиор по професија е гинеколог. Играчите немаа доволно доверба во него. Требаше да ангажираме докажан специјалист за сите да се чувствуваат сигурно, бидејќи здравјето е најважно“, изјави Фал.
Неговите обвинувања предизвикаа бурни реакции, а Сенегалското здружение за спортска медицина побара јавно извинување од првиот човек на федерацијата.
Докторот Абдурахман Федиор, за радиото „РФМ“ категорично ги отфрли обвинувањата и порача дека станува збор за невистини.
„Личност која не е сигурна во тоа што го зборува, најпрво треба добро да се информира“, изјави Федиор.
Тој објасни дека специјализацијата по спортска медицина ја завршил уште во 2008 година и дека припаѓа на првата генерација лекари во Сенегал што се образувале во оваа област.
„Покојниот доктор Фалу Сисе, кој долго време беше лекар на репрезентацијата и кој нè обучуваше сите, ме вклучи во стручниот штаб за постепено да ја преземам неговата улога“, додаде Федиор.
Федиор потсети и дека неговата првична специјализација навистина била гинекологија, но дека подоцна целосно се насочил кон спортската медицина.
„Да, првично специјализирав гинекологија, но спортската медицина отсекогаш беше мојата прва љубов. За неа се заинтересирав уште во четвртата година од студиите по медицина. Во тоа време во Сенегал немаше многу лекари специјализирани за оваа област“, изјавил Федиор уште во 2018 година.