Силекс го распродаде целиот стадион за реванш-мечот против Динамо Минск!

Екипата на Силекс ќе има силна поддршка од трибините на задутрешниот реванш-дуел против Динамо Минск во првото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА, откако клубот објави дека сите билети за натпреварот се распродадени.

Поради тоа што кратовскиот тим своите европски натпревари ги игра на Тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, каде капацитетот е ограничен, влезниците брзо биле разграбани и повеќе не се достапни во слободна продажба.

„ФК Силекс ја известува јавноста дека сите влезници за реванш натпреварот од првото квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига помеѓу ФК Силекс и ФК Динамо Минск се целосно распродадени. Ви благодариме за огромната поддршка. Во четврток очекуваме исполнети трибини и силна атмосфера на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје“, соопштија од Силекс.

Реваншот меѓу Силекс и Динамо Минск ќе се одигра во четврток со почеток од 20 часот, а кратовци ќе се обидат со помош на навивачите да ја одбранат предност од првиот меч одигран во бугарскиот град Стара Загора (1-0) и да се пласираат во следната квалификациска рунда.