Вардар не вади бело знаме во Финска, но мисијата е тешка!

Македонскиот шампион Вардар, денеска го игра реваншот од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите, противникот е КуПС кој со два гола предност ќе го почне мечот.

Вардарци не го искористија домашниот терен за да дојдат до позитивен резултатат пред реваншот, црвено-црните пред своите навивачи беа поразени со 0-2, па мисијата за место во второто коло стана речиси невозможна.

Фудбалерите на Аргентинецот Фабијани денеска мора да одиграат на многу повисоко ниво за да се надеваат на чудо.

„Важно ми е на овој натпревар да го смениме менталитетот. На првиот меч до голот игравме добро, но примивме гол во најлош можен момент пред крајот на полувремето. Најголема предност на КуПС е што се во натпреварувачки ритам, имаат повеќе мечеви од нас и тоа го гледам само како плус за нив. Ние нема очајнички да влеземе во овој натпревар и безглаво да бркаме резултат. Сакам да видам еден организиран Вардар на теренот кој ќе се бори за секоја топка и педа на теренот. Сакам ред и дисциплина, сѐ да биде плански и постепено“, вели тренерот на Вардар, Кристијан Фабијани.

Вардар на денешниот меч ќе биде без Торес кој има повреда, како и без Босанчиќ кој доби два жолти картони на првиот натпревар.

Мечот меѓу КуПС и Вардар почнува од 17 часот со директен пренос на Арена М1 Премиум.