Реал Мадрид бара да ѝ се одземат титули на Барселона!

Кралскиот клуб поднесе официјално барање за одземање на титулите на Барселона кои ги освоила во периодот додека траел случајот „Негреира“ (2001-2018)

На денот на полуфиналето на Мундијалот во кое Шпанија игра против Франција, Реал Мадрид побара од УЕФА да ѝ ги одземе на Барселона сите трофеи освоени во периодот опфатен со истрагата за случајот „Негреира“.

Шпанскиот медиум „Ас“ пишува дека Реал Мадрид ја продолжува својата правна битка и побарал од судот да ѝ наложи на Барселона да ја достави комплетната документација за својот систем на усогласеност со прописите за периодот од 2010 до 2018 година. Клубот од Мадрид сака да провери какви механизми за контрола против спортската корупција постоеле тогаш во таборот на каталонскиот гигант и дали тие навистина биле применувани.

Случајот „Негреира“ и понатаму добива нови заплети, а во Реал Мадрид не кријат дека имаат намера да истраат до конечната судска одлука. Претседателот на клубот, Флорентино Перез, во повеќе наврати јавно го потврди ова, додека односите меѓу двата најголеми шпански клуба во моментов се практично целосно уништени.

Покрај активностите пред спортските институции, пред сè УЕФА (која е единствената надлежна за евентуално исфрлање или казнување на Барселона), правниот тим на Реал Мадрид продолжува со притисокот и пред граѓанските судови.

Во спорниот период, „Блауграна“ има освоено дури 33 трофеи, од кои две титули во Лигата на шампионите.

Од Реал порачуваат дека „повеќе нема криење“ и дека правната војна ќе трае додека не се донесе конечната пресуда.

Случајот „Негреира“ е еден од најголемите скандали во историјата на шпанскиот фудбал. Се однесува на повеќегодишните исплати што Барселона ги вршела кон компании поврзани со Хозе Марија Енрикес Негреира, поранешниот потпретседател на Техничкиот комитет на судии при Фудбалскиот сојуз на Шпанија. Барса е обвинета дека во периодот од 2001 до 2018 исплатила околу 8,4 милиони евра на фирми поврзани со Негреира.

Негреира беше потпретседател на Судискиот комитет (CTA) од 1993 до 2018 година и имаше големо влијание врз оценувањето, напредувањето и делегирањето на судиите во шпанскиот фудбал.