Вембањама ја шокира НБА – потпиша нов договор и се откажа од 50 милиони долари!
Според најпознатиот НБА-инсајдер Шамс Чаранија, Французинот можел да потпише таканаречен „супермакс“ договор вреден 303 милиони долари, но свесно се откажал од дополнителните 51 милион долари за да му овозможи на клубот поголема финансиска флексибилност при доведувањето нови засилувања. Раководството на Сан Антонио му понудило повеќе варијанти, меѓу кои и максимален „супермакс“ договор, но 22-годишниот Французин решил да го избере помалиот износ, со цел тимот полесно да изгради шампионски ростер околу него.
Вембањама беше избран како прв пик на драфтот во 2023 година, а за само три сезони прерасна во еден од најдоминантните кошаркари во НБА. Минатата сезона беше прогласен за најдобар дефанзивец во лигата, беше најдобар блокер, избран во идеалната петорка на НБА, заврши меѓу главните кандидати за МВП-признанието, вторпат настапи на Олстар натпреварот, а претходно беше прогласен и за дебитант на годината.
Во време кога многу НБА-ѕвезди се борат за секој дополнителен милион во договорите, Вембањама испрати поинаква порака – дека шампионските амбиции и долгорочниот успех на клубот му се поважни од максималната заработка. Со овој потег, Сан Антонио добива дополнителен простор во селери-капот за да донесе квалитетни засилувања и да изгради тим способен повторно да се бори за шампионската титула.