Мирчевски: Се надевам дека Чкембари ќе ми простат за трансферот во Вардар!
29-годишниот фудбалер кој потекнува од Пелистер, една сезона од кариерата го носеше и дресот на Вардар. Во својата прва изјава го потенцира и тој момент.
„Како играч, ќе го дадам својот максимум за да му помогнам на клубот повторно да расте и да се развива по вистинскиот пат".
„Ми се допадна проектот што ми беше претставен и верувам дека, доколку сите работиме максимално професионално, ФК Пелистер многу брзо ќе се врати таму каде што му е местото“.
„Се надевам дека навивачката група Чкембари, како и целата битолска јавност, ќе ми простат за мојот премин во Вардар. Би сакал да ставиме точка на минатото и сите заедно да се радуваме на секоја победа и на секој успех на Пелистер“.
„ФК Пелистер е име, презиме и бренд во македонскиот фудбал и е поголем од сите нас. Без разлика на разочарувањата и емоциите од минатото, време е тие да останат зад нас. Нашата заедничка цел е јасна – експресно враќање во Првата македонска фудбалска лига. Само сплотени, како еден тим, можеме да ја оствариме таа цел", рече Мирчевски.