Силекс и Шкендија го почнуваат европското лето - во Бугарија и Гибралтар!

Македонскиот клупски фудбал вечерва повторно ќе биде актуелен на европската сцена и тоа со првите натпревари од квалификациите за Конференциската лига (КЛ), откако Шкендија и Силекс ќе ги започнат своите настапи на гостински терен, со различни улоги, но со иста цел – поволен резултат пред реваншите на домашен терен.

Тетовци ќе гостува кај гибралтарскиот тим Европа, каде што ја имаат улогата на фаворит. Македонскиот претставник беше носител на ждрепката и на хартија располага со поквалитетен тим, но во клубот предупредуваат дека тоа ќе мора да се потврди и на теренот.

„Како фаворити влегуваме во овој меч, но мора да бидеме максимално посветени и фокусирани. Мораме да пристапиме со најголема сериозност бидејќи денес нема лесни натпревари. Го анализиравме противникот и се надеваме на победа, за во реваншот да ни биде полесно“, изјави капитенот Бесарт Ибраими.

Далеку потешка задача го очекува Силекс, кој ќе ги одмери силите со Динамо Минск. Поради санкциите кон белоруските клубови, натпреварот нема да се игра во Белорусија, туку во бугарскиот град Стара Загора. Кратовци се свесни дека против себе имаат квалитетен и искусен ривал, но веруваат дека можат да дојдат до активен резултат кој ќе им остави реални шанси за пласман во следното квалификациско коло пред реваншот на домашен терен.