Финансиска инјекција на „Камп Ноу“: Барса зема кредит од 210 милиони евра за плати и нови играчи

Шпанските медиуми пишуваат дека каталонскиот гигант успеал да обезбеди огромна кредитна линија во висина од 210 милиони евра, средства кои во целост ќе бидат наменети за нови засилувања и за редовно подмирување на платите кон фудбалерите.

Фактот дека Барселона со години се наоѓа во сериозна финансиска криза не е ништо ново. Иако за ова лето се најавуваше дека клубот конечно ќе се врати во нормала и ќе може да функционира по правилото 1:1 на Ла Лига, очигледно е дека раководството и понатаму се соочува со сериозен проблем со ликвидноста и недостиг на пари.

Токму затоа, челниците на клубот решиле да повлечат ваков радикален потег со задолжување од 210 милиони евра, со цел да се обезбеди непречен преоден рок и стабилност во тековното работење.

Како што открива каталонски „Мундо Депортиво“, целата сума ќе биде исплатена во две еднакви рати. Првите 105 милиони евра ќе легнат на клупската сметка во текот на овој месец, додека преостанатите 105 милиони евра ќе бидат префрлени во ноември.

Сега останува да се види дали оваа финансиска инјекција ќе биде клучна за реализација на бомбастичниот трансфер на Хулијан Алварез од Атлетико Мадрид, кој за претседателот Жоан Лапорта и спортскиот директор Деко е означен како примарна трансфер желба за ова лето.