Лука Модриќ останува во Милано - познати деталите од новиот договор!

Лука Модриќ, според најавите од Италија, е многу блиску до продолжување на соработката со Милан и ќе остане на „Сан Сиро“ и следната сезона.

Новиот тренер на „росонерите“, Рубен Аморим, јавно потврди дека хрватскиот капитен е важен дел од неговите планови и откри дека веќе двапати разговарал со искусниот играч за врска околу неговата иднина. Иако договорот на Модриќ формално истече на 30 јуни, во него постои опција за автоматско продолжување до летото 2027 година, а сите информации од Италија упатуваат на тоа дека таа клаузула ќе биде активирана.

„Тоа е играч кого сакаме да го задржиме поради неговото искуство и класа. Веќе двапати разговарав со него и, ако треба, ќе разговарам повторно. Мислам дека е клучен играч за нас, особено на почетокот, за да имаме поголем посед на топката. Не велам дека ќе игра на секој натпревар, но навистина сакаме да сметаме на него и следната сезона. Знам дека со него разговараше и раководството. Сега ќе му оставам неколку дена да размисли“, изјави Аморим.

Според „Планета Милан“, доколку биде активирана опцијата, Модриќ ќе остане во клубот до 30 јуни 2027 година, под истите финансиски услови како и досега – нето плата од четири милиони евра по сезона, со предвидени бонуси. Истиот извор додава дека покрај Аморим, силна желба Хрватот да остане имаат и сопственикот на клубот Џери Кардинале, како и Златан Ибрахимовиќ, кој има советничка улога во Милан.

Аморим планира да го користи Модриќ во системот 3-4-2-1, каде неговото искуство, контрола на ритамот и способноста за организација на играта треба да бидат едни од клучните адути на „росонерите“ во новата сезона.