Португалците бесни по елиминацијата од СП: Преку глава ни е од Роналдо!

Елиминацијата на Португалија од СП 2026 предизвика бура во тамошната јавност, а најтиражните медиуми безмилосно ги нападнаа Кристијано Роналдо и селекторот Роберто Мартинез по поразот од Шпанија (1-0) во осминафиналето.

Португалците беа елиминирани со голот на Микел Мерино во првата минута од судиското продолжение, а најостра беше „А Бола“, која побара крај на репрезентативната кариера на 41-годишниот капитен.

„Време е еднаш засекогаш да се затвори циклусот на капитенот, кој и онака траеше предолго. Не сакаме да те 'убиеме', но доста е, преку глава ни е од тебе“, е пораката што весникот му ја испрати на Роналдо во текстот со симболичен наслов.

На силен удар се најде и Роберто Мартинез, кому во меѓувреме му истече договорот со националниот тим и си замина

„Со Мартинез на клупата, Португалија беше преценета и плашлива репрезентација која не ги исполни огромните очекувања“, пишува „А Бола“, оценувајќи дека белгискиот стратег никогаш немал храброст да донесе тешки одлуки.

Посебно е критикувана одлуката Гонсало Рамош да остане на клупата, додека Роналдо ги одигра сите 90 минути и покрај тоа што Португалија во второто полувреме беше целосно потисната од Шпанија.

„Опсесијата да не се допрат статусите на Роналдо и Бруно Фернандеш ја остави Португалија во солзи. Време е да се сврти нова страница“, наведува весникот, кој потенцира дека нов селектор треба да стане Жорге Жесус.

И покрај критиките, Роналдо зад себе остави уште еден историски мундијал. Во групната фаза стана првиот фудбалер што постигнал гол на шест различни Светски првенства, а турнирот го заврши со три погодоци. Легендарниот напаѓач зад себе има 233 настапи за португалската репрезентација, со учинок од 146 голови и 46 асистенции, како и освоено Европско првенство во 2016 година и две титули во Лигата на нации.