Вардар тргнува во европска мисија: Фински КуПС е првата пречка во квалификациите за ЛШ

Чекањето конечно заврши. Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, денеска со почеток од 19:00 часот на „Градски“ го пречекува финскиот шампион КуПС, во рамките на првото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

По одработените летни подготовки во Италија, за вардарци денеска започнува она вистинското – првиот официјален натпревар на стартот од новата натпреварувачка сезона.

„Црвено-црните“, кои во овој европски циклус влегуваат предводени од новиот аргентински стратег Кристијан Фабијани, пред домашната публика ќе се обидат да извлечат позитивен резултат и да обезбедат предност пред реваншот кој ќе се одигра во Финска.

За разлика од македонскиот претставник, тимот на КуПС се наоѓа во полна натпреварувачка форма. Финскиот шампионат е во полн ек, каде по 15 одиграни кола, овој тим ја држи лидерската позиција на табелата.

КуПС зад себе има историска сезона на меѓународна сцена, откако минатата година испиша клупска историја со настапот во лигашката фаза од Конференциската лига, каде стигна до плејофот, што е нивни најголем успех во Европа досега.

Кај Вардар се очекуваат одредени кадровски промени во составот, но пред сè во самата тактичка поставеност. Фабијани негува поразличен стил од својот претходник Гоце Седлоски, нешто што фановите допрва треба да го видат на дело. Што се однесува до играчкиот кадар, најзвучното летно засилување за скопскиот тим, Жерсон Родригез, се очекува да го предводи нападот и да се најде во стартните единаесет за вечерашниот спектакл.

На хартија, Финците имаат блага предност токму поради континуитетот на официјални мечеви, но во таборот на Вардар владее оптимизам дека со максимален ангажманот на теренот може да се прескокне оваа прва европска бариера.

Директниот телевизиски пренос од дуелот меѓу Вардар и КуПС е обезбеден на каналот Арена М3 Премиум.