Жестока пресметка меѓу Мбапе и парагвајска сенаторка
Огромен скандал избувна меѓу двајцата по победата на Франција од 1-0 над јужноамериканскиот тим. Искрата ја запали сенаторката, која го нападна капитенот на „петлите“ со зборовите:
„Арогантниот Камерунец кој се преправа дека е Французин дури и не научил да пишува. Штета што никој не го удри по натпреварот“.
Мбапе не чекаше многу за да одговори на оваа провокација.
„Вие сте одвратна жена, недостојна за вашата позиција. Поради вашиот расизам, светот веќе ги заборави напорите што ги направија вашите играчи на Светското првенство“, напиша Мбапе.
Селесте Амариља подоцна ја избриша објавата на социјалните мрежи, но по она што го кажа напаѓачот, таа инсистираше тој да се извини.
„Моите објави беа напишани во време кога ми вриеше крвта додека ве гледав како ги исмејувате исклучителните парагвајски играчи кои се бореа со вас под рамноправни услови до последниот свиреж. Сепак, веднаш се покајав што ви одговорив со истите навреди што ги добив. Сфаќам дека покажав однесување кое самата го презирам и затоа го избришав постот. Разбирам дека моите зборови ве навредија, бидејќи понижувањето боли. Сега инсистирам и вие да ги повлечете вашите зборови и да ми се извините. Нема да ги толерирам вашите навреди. Не ме познавате. Немате поим која сум и немате право да кажете дека сум одвратна жена недостојна за мојата функција. Јас сум сенатор на парагвајскиот народ, избран од народот. Пред тоа, бев член на парламентот, исто така избран од народот. Илјадници парагвајски мажи и жени гласаа за мене и ме сметаат за свој глас. Мојата примарна одговорност е да зборувам во име на парагвајскиот народ, да го кажам она што тие не можат да го кажат и да ја бранам мојата земја со мојот живот доколку е потребно.
Ја претставувам мојата земја затоа што бев слободно избрана. Бев избрана на демократски избори за да помогнам во донесувањето закони и да бидам неговиот глас. Немате поим што значи да бидете избрани да ја браните вашата земја и да го претставувате нејзиниот народ. Кој сте вие да ме нарекувате недостојна или одвратна кога дури и не ме познавате? Ова е очигледно насилство на полова основа. Ова е политичко насилство врз жена која ја добила својата позиција преку демократското гласање на својот народ. Ме презирате поради мојот пол. Ме навредувате затоа што сум жена. Го нарушувате моето достоинство како жена и како политички претставник. Повлечете ги вашите зборови, почитувајте го вашето француско државјанство и извинете се. Во спротивно, може да поднесам тужба за насилство на полова основа“, напиша Селест Амарија во отворено писмо до фудбалерот.
Сега топката е кај Килијан Мбапе кој игра одлично на ова Светско првенство и со Франција стигна до четвртфиналето.