Неверојатна традиција: Бразил вечерва игра и за да прекине црна низа долга 24 години

Бразил вечерва од 22 часот ќе го игра осминафиналниот натпревар на Светското првенство против Норвешка, избраниците на Карло Анчелоти можеби важат за фаворити, но Норвежаните се сериозна селекција и можат да изненадат секого.

Освен тоа на Бразилците не им оди во прилог и една негативна традиција. Имено, последната европска репрезентација која Бразил ја победил во нокаут-фаза на Светско првенство е Германија во 2002 година, во финалето во Токио.

Од тогаш, „кариоките“ редовно испаѓаат од европски селекции на завршните турнири. Во 2006 година Франција ги победи со 1-0 во четвртфиналето, четири години подоцна во Јужна Африка, Холандија беше подобра со 2-1, а потоа следеше и историскиот пораз од Германија во Бело Хоризонте, кога домаќинот беше декласиран со 7-1 во полуфиналето.

Во Русија, Бразил загуби од Белгија со 2-1 во четвртфиналето, додека во Катар беше елиминиран од Хрватска по изведување пенали, исто така во четвртфиналето.