Марковски и Србљак победници во двојки на турнирот во Скопје!
До трофејот македонската комбинација стигна по 79 минути игра, во меч во кој клучните моменти дојдоа во завршниците на двата сета. Во првиот сет, Марковски и Србљак први направија брејк и поведоа со 4-3, но ривалите веднаш возвратија. Сепак, во клучниот 11. гем повторно го одзедоа сервисот и го затворија сетот со 7-5.
Во вториот сет, одлучувачки беше брејкот за 4-3, по што со уште еден брејк во финишот го потврдија триумфот и го добија сетот со 6-4, за конечна победа и освојување на титулата.
Претходно денеска, Марковски и Србљак во полуфиналето без поголеми проблеми ги елиминираа Николас Бруна и Франциско Томас Гешвинд со 2-0 во сетови.
Финалето во сингл конкуренција е закажано за утре од 11:30 часот, а за титулата ќе се борат македонскиот тенисер Калин Ивановски и Украинецот Владислав Орлов.