Зверев рутински, Коболи во маратонски меч го исфрли Хачанов

Германскиот тенисер Александер Зверев без поголеми проблеми обезбеди пласман во осминафиналето на Вимблдон, освојувачот на Ролан Гарос го совлада Американецот Маркос Гирон со 6-2, 7-6 (4), 6-4.

Првиот сет мина целосно во знакот на Германецот, додека во вториот мораше да вложи повеќе напор. Тој го доби по тај-брејк, а во третиот сет накратко ја испушти предноста од брејк, пред во десеттиот гем да го скрши отпорот на 92. тенисер во светот.

Во осминафиналето Зверев ќе игра против Чехот Јиржи Лехечка, кој со 3-1 во сетови беше подобар од Шпанецот Жауме Мунар.

Претходно, Италијанецот Флавио Коболи по голем пресврт и речиси четиричасовна борба го елиминира Русинот Карен Хачанов со 0-6, 7-6 (4), 6-7 (5), 6-2, 6-2.

Коболи успеа да се врати во мечот на теренот број 2, иако уште во вториот сет беше на работ на пораз, а потоа и на само еден сет од елиминација.

Финалистот на Ролан Гарос одигра извонредно во последните два сета, направи по два брејка во секој од нив и му се реваншираше на Хачанов за единствениот меѓусебен пораз, доживеан во Мадрид пред две години.

Во следната рунда Коболи ќе се соочи со Австралиецот Алекс де Минор, кој со 3-1 во сетови го совлада Закари Свајда.