Какруки: Сакаме со победа да ги завршиме претквалификациите

Кошаркарската репрезентација на Македонија утре завршува првата фаза од претквалификациите за Европското првенство, со дуелот на гости против Луксембург.

Нашиот национален тим веќе го обезбеди првото место во својата група и утрешниот меч нема никакво резултатско значење, ама евидентна е желбата кај сите, со победа да се заврши овој циклус. Тоа го потенцира и еден од најпожртвуваните во националниот тим Ваљмир Какруки кој е секогаш подготвен да „изгине“ на терен за дресот со државниот грб.

„Точно е дека веќе ја завршивме работата со победата против Ирска, но никој од нас не планира да се опушти. Напротив, ќе играме максимално одговорно бидејќи сакаме победа за крај на квалификациите. Кој и да истрча на теренот, сигурно ќе даде се од себе бидејќи само така можеме да ја постигнеме целта“, изјави Какруки.

Составот на Македонија ќе претрпи измени на утрешниот натпревар бидејќи Сестина влезе во тимот на местото на Стјуарт, а во Луксембург не отпатуваа Андреј Јакимовски и Марко Луканоски.