Шок во НБА: Бостон го „избрка“ најдобриот кошаркар во замена за - ветеран пред пензија!

Во еден од најшокантните трејдови во НБА во последните години, Бостон селтикс го испрати Џејлен Браун во редовите на големиот ривал Филаделфија севентисиксерс.

Според информациите на Шамс Чаранија од „ЕСПН“, кои подоцна ги потврдија и останатите американски медиуми, во спротивна насока заминува ветеранот Пол Џорџ, заедно со два пика од првата рунда на драфтот (2028 и 2031 година) и два пика од втората рунда. Со ова завршува десетгодишната ера на Браун во Бостон, а Филаделфија формира моќно „големо трио“, бидејќи 29-годишниот олстар-кошаркар ќе игра заедно со Џоел Ембид и Тајрис Макси.

Севентисиксерс добиваат кошаркар кој е во најдобрите играчки години, додека во исто време се ослободуваат од високиот договор на 36-годишниот Пол Џорџ. До размената дојде по нарушените односи меѓу Браун и раководството на Селтикс. Тензиите дополнително се зголемиле кога во јавноста се појавија информации дека Бостон, предводен од Бред Стивенс, го понудил Браун како дел од пакет за Јанис Адетокумбо. Иако тој трејд никогаш не беше реализиран, односите меѓу двете страни, според американските медиуми, останале непоправливо нарушени.

Браун зад себе ја има најдобрата сезона во кариерата. Додека Џејсон Тејтум закрепнуваше од повредата на Ахиловата тетива, тој ја презеде лидерската улога и во просек бележеше 28,7 поени, 6,9 скока и 5,1 асистенција по натпревар, што му донесе шесто место во изборот за МВП на сезоната. Тој воедно беше МВП на финалната серија пред две години. Неговото заминување претставува сериозен удар за Бостон, кој сега ќе го гради тимот околу Тејтум и искусниот Пол Џорџ, чија здравствена состојба во последните години често е причина за загриженост.

Од друга страна, Филаделфија испрати јасна порака дека атакува на врвот во Источната конференција. Доколку Ембид остане здрав, заедно со Браун и Макси на хартија изгледаат како едно од најсилните тројки во НБА.

Првите реакции од американските аналитичари се речиси едногласни – Филаделфија е големиот победник во оваа размена, додека Бостон е жестоко критикуван затоа што за играч од калибарот на Браун доби пакет што, според нив, не ја одразува неговата вистинска вредност.