Клоп е расположен да стане селектор на Германија, но има еден услов

Поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп е отворен за можноста да стане следниот селектор на Германија, поради растечките шпекулации за иднината на Јулијан Нагелсман, објави „Телеграф“. 

Нагелсман инсистира дека нема да поднесе оставка и дека е под договор до следното Европско првенство во 2028 година, кое ќе го организираат Англија, Шкотска, Велс и Ирска. Но, постојат силни повици Клоп да ја преземе функцијата, а наводно се во тек прелиминарни разговори. Искусниот стручњак не раководел со тим откако го напушти Ливерпул во мај 2024 година - одлука што ја донесе откако призна дека повеќе нема енергија за секојдневните предизвици на менаџирањето во Премиер лигата.

Според „Телеграф“, Клоп е подготвен да го замени Нагелсман ако Германската фудбалска асоцијација одлучи да преземе таков чекор. Се вели дека една од амбициите на Клоп во фудбалот отсекогаш била да ја предводи репрезентацијата на Светското првенство. Сепак, Клоп има еден сериозен услов. Поранешниот тренер на Борусија Дортмунд и Мајнц не сака да го поминува секој викенд на трибините гледајќи ги играчите на клупско ниво.

Како што е познато, во јануари 2025 година, Клоп почна да работи како раководител на глобалниот фудбалски оддел на Ред Бул. Тој ја надгледува мрежата на фудбалски клубови, вклучувајќи ги РБ Лајпциг, Ред Бул Салцбург и Њујорк Ред Булс. Ова лето, Клоп работеше за време на Светското првенство како аналитичар за германската телевизија „Магента“, а кога беше прашан за неговата позиција по елиминацијата на Германија, тој одговори:

„Разбирам дека моето име се споменува. Но, сега не е време да се зборува за тоа - и сигурно не со мене“.

Доколку Клоп биде назначен, негова задача ќе биде да ја врати Германија до нејзината поранешна слава. Откако го освоија Светското првенство во Бразил пред осум години, Германците беа елиминирани двапати во групната фаза, а сега и во 1/16-финалето.

„Ако испаднете по првото коло, тоа не е доволно добро за германскиот фудбал“, призна Нагелсман. „Ова е трета елиминација по ред, па затоа повеќе не сме меѓу елитните тимови. Разочаран сум“, додаде тој.