Ништо не оди по планот: Ниеден европски гигант не се пријавил за НБА Европа

Долгонајавуваниот грандиозен проект НБА Европа се соочува со своите први тешкотии и тоа огромни: ниту еден врвен клуб, засега, не сака да игра во оваа лига.

Весникот „Ел Мундо Депортиво“ пишуваше на оваа тема и откри детали кои не им се допаѓаат на челниците на НБА од каде имаше голем оптимизам дека оваа организација ќе ѝ го земе приматот на Евролигата. Овој каталонски дневен весник тврди дека ниту еден тим од Евролигата, ниту еден голем фудбалски клуб што би формирал кошаркарска секција, за што имаше и помпезни најави, не испратил апликација за учество во лигата.

Тоа е најјасен показател за фактот дека НБА Европа ќе има сериозни тешкотии, барем во почетната фаза на својот проект, да формира силна конкуренција и да се натпреварува со Евролигата. Според гореспоменатиот шпански медиум, НБА Европа не добила никакви апликации, а заинтересираните клубови имаат само уште еден ден да го сторат тоа.

„Денеска е крајниот рок за оние кои се заинтересирани да учествуваат во планираниот европски НБА проект да ги достават своите предлози“, пишува „Ел Мундо Депортиво“.

Американската лига во последните месеци се фалеше со „значаен интерес што го добила од широк спектар на тимови и инвеститори“, според нејзиниот заменик, Марк Тејтум, но реалноста е дека досега ниту еден тим од Евролигата или фудбал не доставил обврзувачка понуда за учество во проектот.

„Дури и не е јасно дали предлозите од инвестициските фондови или (мултимилионерските) поединци што се поднесени ќе бидат обврзувачки“, пишува, меѓу другото, шпанскиот весник.

И Реал, последниот клуб кој се мислеше дали да остане во Евролига или да се пресели во НБА Европа, неодамна потпиша десетгодишен договор со елитната европска организација, а за да излезе од неа, ќе треба да плати 200 милиони евра. Понатаму, најавени беа кошаркарски секции на ПСЖ, Манчестер Сити и Милан, но ни од тоа, по се изгледа, нема да има ништо. Лука Дончиќ со свои партнери формираше кошаркарски клуб во Рим за кој е планирано да игра во НБА Европа, но прашање е со кого би го правел тоа.