Билетите за „последниот танц“ на Модриќ и Роналдо се продаваат за – цело богатство!
Мечот, кој в петок ќе се игра во Торонто во 1 часот по македонско време, предизвика огромен интерес кај навивачите, па цените на билетите на платформите за препродажба вртоглаво пораснаа. Просечната цена на најевтината влезница на секундарниот пазар достигнала 3.225 американски долари, што е највисока цена меѓу сите натпревари од шеснаесетфиналето.
Главната причина е јасна – за последен пат на мундијалски дуел еден против друг ќе застанат Лука Модриќ и Кристијано Роналдо. Двајцата фудбалски великани со години беа соиграчи во Реал Мадрид, каде заедно освоија сè што можеше да се освои и ја одбележаа една од најуспешните ери во историјата на клубот. Сега, судбината сака повторно да се сретнат, но како ривали во елиминациската фаза на Мундијалот.
Интересно е што цените на билетите нагло скокнале веднаш по завршувањето на групната фаза на Португалија. Пред натпреварот со Колумбија тие биле значително пониски, но кога станало јасно дека следува спектаклот меѓу Хрватска и Португалија, побарувачката експлодирала, а цените се зголемиле повеќе од двојно. Дополнителна причина за ваквите бројки е и системот на динамично формирање на цените, кој се користи на ова Светско првенство. Колку е поголем интересот, толку побрзо расте и цената на билетите.
Просекот од 3.225 долари за најевтин билет покажува дека овој натпревар не се доживува како обичен осминафинален дуел, туку како можен последен мундијалски судир на двајца од најголемите фудбалери во историјата. За еден од нив – Модриќ или Роналдо – токму натпреварот во Торонто би можел да биде „последниот танц“ во кариерата.
ФОТО: X / @TeamCRonaldo