Македонската кошарка доби засилувања со „чудни“ имиња – Девајне Стеварт и Мосес Вригхт (ФОТО)
Ова значи можност за нивно регистрирање во Светската кошаркарска федерација (ФИБА), а со тоа и за користење на средбите од претквалификациите за ЕП 2029, кои жолто-црвените ќе ги играат на почетокот од јули. Ова и не е некоја новост, со оглед што веста за нивната натурализација веќе беше објавена, но интересно е да се види како „матичарот“ им ги превел имињата на кошаркарите од САД и тоа според правилото „читај како што пишува“ макар тоа било и на латиница. Па така, првиот стана Девајне Стеварт, а вториот Мосес Антхони Вригхт, што е буквален препис на нивните имиња во американскиот пасош, а не транскрипција според правилата на македонскиот јазик.

Ова не е прв ваков пример во македонската кошарка. На почетокот од 21 век за Македонија играше Рајан Јуџин Стак - феноменален Американец и близнак по изглед на Тодор Гечевски. Тој во продолжението на кариерата мораше да настапува под името Руан Еуген Стик бидејќи и тогаш налетал на матичар кој се водел според правилото „читај како што пишува“.