Ѓорческа испиша историја - со третата квалификациска победа се пласира на Вимблдон!

Најдобрата македонска тенисерка на сите времиња, Лина Ѓорческа, денеска испиша историја откако стана првата што во поединечна конкуренција изборила пласман на главниот турнир на еден гренслем, откако со убедливиот триумф над Луција Бронзети (6-1, 6-2) успешно ја мина и третата квалификациска пречка на Вимблдон.

Таа со ова влезе во конкуренција на најдобрите 128 тенисерки во светот, кои ќе се појават на ждрепката на неофицијалното светско тениско првенство во Лондон, нешто што не му успеало никому од Македонија досега. Најдобар успех досега беше учеството на Александар Китинов на неколку гренслем-турнири, но само во конкуренција на двојки.

Тетовчанката влезе неверојатно потивирано во пресметката со италијанската тенисерка, па првиот сет го доби по само половина час игра и тоа со шест освоени гема во низа по загубениот прв гем на свој сервис. Таа имаше одличен старт и во вториот сет, во кој по 0-1 со два брејка дојде до конечен триумф.

Пласманот на главниот турнир освен спортска сатисфакција максимално го зголеми паричното салдо на Ѓорческа, која веќе има обезбедено награда од 100.000 долари со самото учество со најдобрите на Вимблдон. Името на противничката во историската пресметка на терените во Лондон ќе ја дознаe на утрешната ждрепка.