Ѓорческа: Можеби доаѓам од мала земја, но имам ГОЛЕМО срце!
Таа до најголемиот успех во кариерата стигна со убедлива победа во последното квалификациско коло против фаворизираната Италијанка Луција Бронзети (6-1, 6-2). По историскиот триумф, македонската тенисерка не ги криеше емоциите и истакна дека остварила животен сон.
„Горда и среќна сум за сите овие денови на Вимблдон. Доаѓам од мала земја и горда сум што сум единствената во историја, и во машка и во женска конкуренција, која се изборила за место на главниот турнир. Ова за мене е остварување на сонот. Не е лесно да си од мала држава, поради целата логистика, условите за тренинг и финансискиот дел. Но, кога ќе стигнеш тука, даваш 100 проценти од себе за да успееш, а на крајот сето тоа носи резултат. Можеби доаѓам од мала земја, но ние сите имаме огромно спортско срце“, изјави Ѓорческа за телевизијата на Вимблдон.
Ѓорческа својот противник за историскиот настап на Вимблдон ќе го добие на утрежната ждрепка закажана за 11 часот.