Ди-Џеј „отсвири“ маестрално: Кошаркарите им се реваншираа на Бугарите (ФОТО)
Избраниците на селекторот Жозеп Мариа Берокал одиграа далеку подобро, а одлично деби имаше и нашето ново американско засилување, Ди-Џеј Стјуарт Џуниор. Двете селекции одиграа прилично тврд и неизвесен меч. На паузата резултатот гласеше 45-43, а потоа ривалот ја доби третата четвртина, но Македонија заигра подобро во последните десет минути. На шеесетина секунди до крајот, нашите кошаркари имаа +4 (83-79), а на крајот триумфираа со конечен резултат 91-87.

Најдобри поединци кај Македонија беа Стјуарт Џуниор со 26 поени и Стојан Ѓуроски со 15 поени, додека двоцифрен ефект имаше и Виктор Ефремовски со 12 поени. Лоша вест од овој пријателски меч е повредата на Марин Петков уште во првото полувреме, кога само што влезе во игра лошо згазна на ногата на еден од противниците и го свитка скочниот зглоб. Тој потоа беше третиран од лекарскиот тим и воопшто не влезе до крајот на средбата.

Ова беа подготвителни натпревари за јулскиот циклус од првата претквалификациска фаза за ЕП 2029, во која жолто-црвените прво ќе ја пречекаат Ирска (2 јули), а три дена подоцна ќе му гостуваат на Луксембург.


