Нагелсман удри по ФИФА: Освојуваш група и добиваш - дополнителна неизвесност!

Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, јавно го критикуваше системот на натпреварување на СП 2026, сметајќи дека не е праведен за репрезентациите кои завршуваат на првото место во својата група.

Според германскиот стратег, наместо предност, победниците во групите добиваат дополнителна неизвесност бидејќи до последен момент не знаат против кого ќе играат во нокаут-фазата.

„Не е баш најдобро кога наградата за освојување на групата е дополнителна неизвесност. Не сум љубител на ваквиот систем. Наместо да се фокусираме на подготовката за натпреварот, ќе мораме да го чекаме конечниот расплет, а потоа за многу кратко време да го анализираме противникот и на играчите да им ги пренесеме сите потребни информации“, изјави Нагелсман.

Германија веќе го обезбеди првото место во својата група, а натпреварот од шеснаесетфиналето ќе го одигра на 29 јуни во Бостон против една од четирите најдобро пласирани третопласирани репрезентации. Сепак, „панцерите“ својот противник ќе го дознаат дури по завршувањето на сите натпревари од групната фаза, што ќе се случи во сабота навечер, па ќе имаат ограничено време за детална подготовка пред елиминацискиот дуел.