Берокал со само петмина од лани гради нова Македонија со која би ни го остварил сонот!
Шпанскиот стратег призна дека повторно се соочува со сериозни проблеми при формирањето на ростерот, откривајќи дека од 16-те кошаркари кои се појавиле на првиот тренинг, само петмина биле дел од репрезентацијата и во претходниот циклус. По поразот во првата проверка во Самоков, Берокал очекува многу подобро издание на неговите избраници на вечерашниот дуел во Скопје, особено зашто во Бугарија не бевме комплетни.
„Очекувам вечерва да одиграме доста подобро. На претходниот натпревар бевме комплетни само 20 минути против една доста добра и искусна селекција која одигра на високо ниво“, изјави селекторот.
Сепак, најголем предизвик за стручниот штаб не е самиот контролен натпревар, туку составувањето на тимот. Берокал откри дека репрезентацијата практично минува низ нова реконструкција.
„За разлика од претходниот циклус, сега имаме малку повеќе време, но не премногу. Имаме и неколку нови играчи. Од 16 кошаркари кои беа на првиот тренинг, само пет беа од ланскиот состав“, рече Берокал.
Шпанецот смета дека ваквите проблеми не се карактеристични само за Македонија, туку и за голем број национални тимови, бидејќи врз составите влијаат бројни фактори – повреди, нови клупски договори, како и обврските на играчите во НЦАА.
„Таква е кошарката. Сите тимови имаат проблеми како да го формираат ростерот. Многу работи не можеш да контролираш. Нови договори, повреди, НЦАА... Секогаш постојат причини поради кои многу репрезентации не можат да го состават тимот што го посакуваат“, додаде селекторот.
Иако Македонија наскоро ја очекуваат клучните претквалификациски натпревари за пласман на ЕП 2029 година, Берокал потенцира дека целосниот фокус во моментов е насочен кон вечерашната пресметка со Бугарија.
„За Ирска сè уште не размислуваме. Со подготовката за тој натпревар ќе почнеме на почетокот на викендот. Сега најважно е како ќе изгледаме против Бугарија“, порача македонскиот селектор.
Жолто-црвените, кои се први во групата со скор 4-0, на 2 јули во Скопје ќе ги пречекаат Ирците (2-2), а потоа ќе му гостуваат на Луксембург (5 јули). Со една победа сигурно ќе бидеме први и ќе имаме гарантирано место во втората претквалификациска фаза.