Ѓорческа една од „жртвите“ на историски преседан на Вимблдон!
Додека љубителите на тенисот се навикнати Вимблдон да го поврзуваат со дожд, облаци и студено време, овојпат причината за прекин е сосема спротивна. Играчите и тенисерките беа повлечени од терените поради големата жештина, нешто што досега речиси никогаш не се случило на најпрестижниот тениски турнир во светот. Ваквите мерки се почести на Австралија Опен, каде екстремните температури редовно создаваат проблеми, но за организаторите на Вимблдон ова е речиси непозната ситуација.
Во британската престолнина моментно се измерени околу 34 степени, што претставува исклучително висока температура за овој дел од Европа и за условите во Лондон. Организаторите очекуваат натпреварите да продолжат штом условите на терените станат побезбедни за тенисерите и тенисерките. Една од жртвите на оваа несекојдневна појава е и нашата Лина Ѓорческа, која денеска треба да го одигра мечот од второто квалификациско коло против Франциска Хорхе (Португалија). Нејзиниот меч прво беше закажан за 15 часот, а поради прекинот веќе е пролонгиран за најрано да почне во 16.30 часот по македонско време.