Драма во Чиле: Поранешна ѕвезда на Реал имаше срцев удар пред камери (ВИДЕО)
Четириесетгодишниот стратег присуствувал на редовната прес-конференција, каде што одговарал на новинарски прашања. Иако во неколку наврати можело да се забележат болни гримаси на неговото лице, Гаго ја завршил обврската и нормално ја напуштил салата. Само кратко време подоцна бил пренесен во болница, каде што лекарите утврдиле дека станува збор за симптоми на срцев удар. Во јавноста веднаш се појавија информации дека бил подложен на итна операција, но од Универсидад де Чиле брзо ги демантираа тие шпекулации.
„Нашиот тренер Фернандо Гаго беше подложен на сериозни кардиоваскуларни прегледи и нема да присуствува на тренинзите во следниот период. Се чувствува добро и неговата состојба постојано ја следи медицинскиот тим“, соопшти клубот.
Снимката од прес-конференцијата брзо стана вирална на социјалните мрежи, а многумина ја искористија како потсетник дека не треба да се игнорираат симптомите како болка во градите, отежнато дишење или необична непријатност. Гаго зад себе има богата играчка кариера. Производ е на школата на Бока Јуниорс, а во периодот од 2007 до 2012 година настапуваше за Реал Мадрид. Подоцна играше и за Рома, Валенсија, Велез Сарсфилд и повторно за Бока, каде што остави длабока трага.
За аргентинската репрезентација одигра 61 натпревар и беше дел од генерацијата што го освои олимпиското злато во Пекинг во 2008 година, како и од тимот кој стигна до финалето на Светското првенство во 2014 година. По завршувањето на играчката кариера се посвети на тренерската работа, водејќи ги Алдосиви, Расинг, Гвадалахара, Бока Јуниорс, Нексака и сега Универсидад де Чиле.