Нилсен ја „спушти ролетната“, Барселона е во финале

Ракометарите на Барселона се пласираа во финалето на Лигата на шампионите откако во драматичното полуфинале беа подобри од Алборг со 37-32, по продолженија.

По 60 минути „регуларна“ игра, резултатот беше 28-28, но во дополнителните десет доминираше каталонскиот тим. Утре од 18 часот, Барса ќе игра против германскиот Фуксе Берлин за титулата европски шампион, 13. во историјата на најтрофејниот клуб во светот.

Алборг успеа да се врати од бездната на крајот од „регуларниот“ дел и со головите на Арнолдсен и Хоксер се избори за продолженија. Се беше решено во период од околу две минути во кои Барселона направи серија од 5-0 и од 29-30, отиде на 34-30. Алборг немаше сили за нов пресврт и „каталонците“ изборија место во финалето.

Данскиот голман Емил Нилсен блескаше на каталонскиот гол со 16 одбрани, три повеќе отколку двакцата голмани на Алборг. Словенецот Доминик Макуц ја контролираше играта на Барса, а најефикасен играч во редовите на победниците беше Алеш Гомез Абелјо со осум постигнати голови. Кај Алборг, Томас Арнолдсен и Александра Блонц се подобри од другите со по пет гола.