Аврамовиќ го уништи Партизан, Дубаи е шампион на АБА лигата

Клубот што постои само две години денеска го освои првиот трофеј во својата кратка историја откако триумфираше во АБА лигата.

Во четвртиот натпревар од финалната серија, Дубаи го победи Партизан со 83-81 и со вкупни 3-1 триумфираше во регионалното натпреварување. Мечот се решаваше во последните секунди, а херој на Дубаи беше поранешниот кошаркар на Партизан, Алекса Аврамовиќ.

Српскиот репрезентативен плејмејкер го заврши натпреварот со 15 поени, но девет од нив постигна во последната четвртина, вклучувајќи ги двете слободни фрлања на 15 секунди пред крајот со кои го постави конечниот резултат. Претходно успеа и да ги изнервира навивачите на Партизан чиј миленик беше порано, а во одбраната го неутрализира Калатес кој остана на само еден поен вечерва.

За Партизан ова е крај на очајната сезона во која не освои ниеден трофеј, остана без Жељко Обрадовиќ и го извади најлошото од себе. Дубаи е првиот клуб што ја прекина осумгодишната хегемонија на Партизан и Црвена Звезда и стана десетти што ја освоил титулата во АБА лигата.