Најдобриот голгетер на Парагвај се повреди пред Мундијалот (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Парагвај доби сериозен удар непосредно пред стартот на Светското првенство, откако еден од клучните играчи на националниот тим, Хулио Енсисо, ќе мора да ги пропушти првите два натпревари поради повреда.

Парагвајците во рамките на завршните подготовки за Мундијалот во Асунсион убедливо ја совладаа Никарагва со 4-0. Сепак, убедливата победа и добрата игра пред домашната публика останаа во сенка на повредата на младиот офанзивец на Стразбур.

Повредата се случи во средината на првото полувреме, кога по еден остар старт на дефанзивец на Никарагва, Енсисо остана да лежи на тревникот со болна гримаса на лицето и веднаш мораше да го напушти теренот.

Стравувањата на навивачите ги потврди селекторот на Парагвај, Густаво Алфаро, кој на прес-конференцијата по натпреварот откри дека 22-годишниот офанзивен играч за врска ќе паузира најмалку две недели. Таквата прогноза значи дека Парагвај ќе биде значително ослабен на стартот од групната фаза.

Енсисо сигурно нема да настапи на премиерниот натпревар против САД на 12 јуни, ниту на дуелот против Турција кој е закажан за 19 јуни, а во Парагвај ќе се надеваат дека ќе биде подготвен да излезе на теренот против Австралија на 25 јуни.