Заврши драмата за швајцарскиот голгетер пред Мундијалот, може да влезе во САД
Напаѓачот на Швајцарија доби дозвола за влез во САД и наскоро ќе им се приклучи на соиграчите во базата на националниот тим во Сан Диего.
Фудбалерот на Рен го пропушти заминувањето на репрезентацијата на почетокот од неделата, откако американските власти одлучија дополнително да ја проверат неговата патна документација непосредно пред патувањето. Додека неговите соиграчи отпатуваа во Калифорнија за да ги продолжат подготовките за Мундијалот, Емболо остана во Швајцарија во исчекување на конечната одлука.
Добрата вест пристигна во денеска, кога Фудбалскиот сојуз на Швајцарија потврди дека 29-годишниот напаѓач ја добил потребната виза и веќе во петок ќе отпатува за Соединетите Американски Држави.
„Штотуку бевме известени дека на Брил Емболо му е одобрена визата. Сега може да отпатува во САД и очекуваме да ѝ се приклучи на репрезентацијата во петок навечер“, соопштија од швајцарскиот сојуз.
Проблемот настанал поради дополнителни проверки што американските власти ги спровеле во врска со претходни правни постапки против фудбалерот. Емболо во средата бил на разговор во Амбасадата на САД во Берн, каде што надлежните служби ја разгледале документацијата поврзана со инцидент од 2018 година во Базел.
Покрај тоа, американските власти побарале и судска документација поврзана со пресуда од 2023 година за повеќекратни закани, поради што Емболо бил казнет со условна парична казна. Иако случајот бил правосилно завршен претходно оваа година, имиграциските служби на САД одлучиле да спроведат дополнителни проверки пред да му одобрат влез во земјата.
На крајот, целата постапка заврши со позитивен исход за швајцарскиот репрезентативец, кој сега ќе може да му се стави на располагање на селекторот пред почетокот на Светското првенство.
Фото: Stade Rennais F.C./X