Навивачите бесни на ФИФА: На СП 2026 нема да смеат да внесуваат шишиња за вода!
Новото правило е дел од ажурираниот „Кодекс на однесување на стадионите“, иако претходно навивачите имаа право да внесуваат проѕирни пластични шишиња со капацитет до еден литар. Од ФИФА објаснуваат дека забраната е воведена од безбедносни причини.
„Одлуката е донесена за да се спречи каков било ризик од повреди на играчите и посетителите. ФИФА останува посветена на заштитата на здравјето и безбедноста на играчите, судиите, навивачите, волонтерите и сите останати учесници“, соопшти светската куќа на фудбалот.
Сепак, одлуката веднаш предизвика сомнежи кај навивачите, особено ако се знае дека водата, газираните пијалаци и соковите што ќе се продаваат на стадионите ги обезбедува долгогодишен спонзор на ФИФА. Организирана група англиски навивачи остро ја критикуваше одлуката, потсетувајќи дека претходно добиле уверувања дека ќе можат да внесуваат пластични шишиња за дополнување вода.
„Секако, првата помисла на навивачите беше дека ова е уште една можност за заработка“, порачаа од навивачката организација.
Контроверзијата е уште поголема ако се земе предвид дека Мундијалот ќе се игра во САД, Канада и Мексико, каде што во дел од градовите домаќини се очекуваат температури над 32 степени. Од ФИФА најавија дека на стадионите ќе бидат поставени специјални зони за разладување и пунктови за помош при високи температури, со цел да се намали ризикот за навивачите за време на натпреварите.
Светското првенство стартува за седум дена, а во програмата се предвидени вкупно 104 натпревари на 16 стадиони во трите земји домаќини.