Ги погоди последните три светски прваци, а сега тврди – најголемиот лузер ќе победи на СП 2026!
Тој и сега ја објави и својата прогноза за СП 2026, а според неговиот статистички модел, нов светски шампион ќе биде Холандија, која во големото финале ќе го совлада Португалија и за првпат во својата историја ќе се искачи на светскиот трон. Токму овој дел од прогнозата предизвика најголемо внимание, бидејќи повеќето анализи како главни фаворити за титулата ги издвојуваат Аргентина, Франција, Шпанија и Англија.
Клемент веќе со години користи специфичен модел кој не се базира само на фудбалски параметри. Во неговите пресметки влегуваат статистички, економски и демографски показатели, со кои се обидува да ги процени шансите на репрезентациите за освојување на титулата. Според неговата симулација, Холанѓаните до финалето ќе стигнат преку Франција и Шпанија, додека Португалците ќе ги елиминираат Аргентина и Англија на патот до завршниот меч. Иако самиот Клемент повеќепати нагласил дека неговиот модел не е непогрешлив и дека во фудбалот огромна улога имаат формата, среќата и непредвидливите околности, фактот дека ги погоди последните три светски шампиони му носи голем кредибилитет.
Дополнителна тежина на прогнозата дава и моменталниот оптимизам во холандскиот табор. Репрезентацијата предводена од Роналд Куман располага со талентирана генерација и амбиција конечно да го направи последниот чекор кон најголемиот трофеј. Холандија важи за една од најголемите фудбалски сили која никогаш не станала светски шампион. „Лалињата“ досега загубија три финалиња на Мундијалите – во 1974, 1978 и 2010 година.
Токму затоа прогнозата на Клемент предизвика поделени реакции. Дел од навивачите веруваат дека конечно дојде време Холандија да ја освои долго посакуваната титула, додека други сметаат дека Аргентина, Франција и Шпанија и натаму се чекор пред сите.